" /> Нашите Едуино /Eduino амбасадори

154196295 3993218620709775 8228650291745332775 n

Вториот #EduTalks ја обработува темата колку е значајна поддршката од возрасните кај децата. Зборувавме со ЕДУИНО-амбасадорката Елена Тодоровска, професорка по предучилишно воспитание и образование во детската градинка „Раде Јовчевски – Корчагин“ од Скопје.

Со неа заклучивме дека на тригодишна возраст децата сè почесто влегуваат во вербални конфликтни ситуации со своите врсници. Затоа, Елена ни раскажа како според неа родителите можат да им помогнат на децата во решавањето на овие ситуации.

„Како родители треба будно да ги следиме промените кај децата и да разговараме за секојдневните ситуации. Да им објасниме на децата дека секој од нас е посебен, но и различен, користејќи вистински примери и набљудувајќи неколку деца од околината. На оваа возраст децата не се учат на социјална компетиција преку директни инструкции, туку преку интеракција со другите и со поддршка од родителите. Децата на оваа возраст се егоцентрични и често влегуваат во меѓусебни конфликти, не со цел намерно да им наштетат на другите, туку да го добијат она што го сакаат – да ја постигнат својата цел. Затоа е важно да ги користат своите когнитивни и јазични способности и родителите да интервенираат и да постават насоки и правила како би се решила дадената ситуација. Да не се заборави дека децата учат по пат на обиди и грешки.“

Честопати во градинките и во училиштата децата влегуваат во конфликтни ситуации со цел да го добијат тоа што го сакаат – кавга за играчка, исмејување на надворешниот изглед и сл., па Елена ни раскажа како треба да се справиме со овие ситуации:

„Децата имаат потреба да следат правила, затоа што тоа им дава чувство на безбедност и сигурност. Способноста правилата да се воспоставуваат, да се следат и да се почитуваат започнува од раното детство и продолжува да се развива понатаму во адолесценцијата. За да добиеме одговор од децата за нивната кавга, треба да бидеме смирени и ние и децата. Потоа ќе поразговараме за настанот слушајќи ги децата внимателно. Убаво е да дадеме некој пример, може и кратка приказна во која ќе имаме стратегија за решавање на таа ситуација. Потоа заеднички да донесеме заклучок, да размислиме и да ги совладаме чувствата од непријатни во пријатни.“

Во разговорот Елена го искажа и својот став за тоа колку е значајно родителите правилно да го разберат однесувањето на децата во нивниот ран детски развој.

„Родителите се најважниот модел, двигател, модератор, идол за децата. Преку нивното однесување децата учат, осознаваат, дејствуваат, манифестираат. Треба да се посвети големо внимание на растот и на развојот на детето. Однесувањето на детето не е случајно, треба да бидеме свесни и навремено да ги подобруваме нашите врски и да градиме искрен однос и добри навики во воспитниот аспект.“

4-scaled

Денес разговорот со ЕДУИНО-амбасадорката Валентина Гавриловска, воспитувач во ЈУДГ на ОЦ „Раде Јовчевски – Корчагин“ од Скопје, го започнуваме со тоа колку е важно родителите да им помогнат да децата подобро да ги разберат чувствата на другите со цел да развијат емпатија.

Децата од предучилишна и од раноучилишна возраст учат по пат на идентификација со модел, а најважниот модел во животот на детето се родителите. Следствено на ова, ако родителите се однесуваат емпатично, и детето ќе се однесува емпатично. Од друга страна, и учесниците во воспитно-образовниот процес се фигури што претставуваат модели за идентификација, но тие, истовремено, поседуваат и вештини преку кои можат да влијаат врз детето. Сите учесници во воспитно-образовниот процес можат да влијаат во развојот на емпатијата преку различни видови игри, приказни, драматизации, вклучување во хуманитарни акции, каде што главна цел ќе биде развојот токму на ова чувство.“

Од аспект на родител и воспитувач, Валентина ни укажа колку е значајно поттикнувањето на социоемоционалните вештини кај децата за нивен правилен раст и развој.

„Човекот е социјално битие и од тоа како еден поединец ќе се вклопи во заедницата зависи и неговиот емоционален развој, а сите овие вештини се стекнуваат во раната возраст. Социјалните и емоционалните вештини се две неодвојливи нешта и зависат една од друга. Доколку детето полесно и побрзо се вклопи во средината, се очекува да развие и позитивни емоции, односно да стекне способност да ги контролира негативните емоции, а од друга страна, стекнувањето емоционални вештини ќе му помогне за полесна и побрза социјализација.“

За тоа, како родителите можат да се едуцираат за ран детски развој, со цел подобро разбирање на однесувањето на детето, Валентина ни даде неколку совети…

„Родителите можат да се едуцираат преку вклучување на разни обуки, работилници кои во денешно време се достапни, но се разбира многу е добро доколку родителите се вклучат директно во воспитно образовниот процес преку краткотрајни посети и престој заедно со детето во градинката или училиштето, каде ќе можат конкретно и директно да го следат своето дете во колективот, но и методите и техниките кои ги користи воспитувачот, наставникот во работата со децата.“

Чест ни е што сте дел од нашиот тим на нашата градинка ЈУДГ на ОЦ "Раде Јовчевски Корчагин " 

 

We use cookies to improve our website and your experience when using it. Cookies used for the essential operation of the site have already been set. To find out more about the cookies we use and how to delete them, see our privacy policy.

I accept cookies from this site.
EU Cookie Directive plugin by www.channeldigital.co.uk