Стандарди: Детето покажува интерес кон печатени материјали;Детето може да воспостави контрола на движењата на дланките и прстите;
Цели: Да се поттикнува и развива желба и интерес за слушање разни творби од детската проза;Да се навикнува на редовно и правилно миење заби;
Да се поттикнува да ги користи дланките и прстите на двете раце;Да се поттикнува истрајноста и упорноста во извршување одредени задачи;
Активности: Активноста започнете ја со краток воведен разговор каде ќе повторите за важноста на одржување на хигиената. Потоа прочитајте го текстот и разговарајте за содржината на истиот. Поттикнете го детето да раскажува по серија слики. Во продолжение може да се изработат заби од пластични шишиња и на нив да се вежба правилно миење заби.
Материјали и средства за реализација: Прилог текст, пластични шишиња, темперна боја, четки, боенка.
КОЈ ИМА ЗАБИ
Живееше на светот едно четче за заби. Имаше блескава зелена дршка и густи влакна. Беше убаво, но беше тажно, зашто никому не му ги чистеше забите. Еднаш рече:
- Ќе побарам некои заби за да ги исчистам и измијам!
Пронајде едно гребло и му рече:
- Сакаш ли да ти ги измијам забите?
- Моите заби не се чистат со четка за заби! – се насмеа греблото.
Потоа четчето појде кај чешелот и му рече:
- Сакаш ли да ти ги измијам забите?
- Моите заби не се мијат со четка за заби! – рече чешелот.
Најпосле четкичето дојде кај еден часовник, ѕирна низ неговото стакленце и рече:
- Тркалца, тркалца сакате ли да ви ги исчистам запчињата?
- Што? Ти? – се вознемирија тркалцата. – Ако ти не исчистиш, ќе не намокриш, па ќе рѓосаме и не ќе можеме да се вртиме. Тогаш часовникот ќе застане и никогаш повеќе не ќе може да го мери времето. А без часовник не знам што се може да се случи.
- Што да правам? – заплака четчето. – Никому не сум му потребно.
Тогаш кај четчето дојде едно девојче. Го здогледа четчето, скокна од радост и рече:
- Леле што убаво четче, токму такво ми требаше!
Девојчето го зема четчето и го однесе во бањата. Сега четчето живее таму. Стои во посебна затворена чаша заедно со пастата за заби и секое утро со радост му ги чисти белите заби на девојчето.
Воспитувач :Валентина Гавриловска